Избраничките на Симе Симовски влегуваат со нови сили и амбиции во сезоната која претстои. Оваа екипа три дена тренираше во С.Р.Ц. Кале, веќе денес заминува на подготовки во Копаоник. Овој тим ја освои младинската лига минатата сезона и одличното трето место во супер лигата.
Нови имиња кои се приклучија на втората екипа се Сара Митова и Симона Стојановска. Овие две девојки изминатата сезона настапуваа за првиот тим, каде не добиваа многу шанса за игра. Тие ќе претставуваат големи засилувања за составот на Симовски, кој ќе се натпреварува во Европските купови. Митова и Стојановска беа дел и од младинската селекција на ЕП во Валенсија, каде беа едни од подобрите ракометарки во оваа репрезентација.
Екипата ја напуштија Цветанка Ангелевска, Кристина Трајковска и Симона Младеновска. Најважно е што остана најголем дел од тимот кој го понесе товарот минатата година во сите натпреварувања. Во новата сезона се надеваме на уште подобри игри, едно место погоре во супер лигата и што подалеку да стигнеме во Европските натпреварувања. Оваа екипа полека созрева и во иднина треба да даде ракометарки кои ќе настапуваат за првиот тим и сениорската репрезентација.