Денес со почеток од 17 часот екипата на ЖРК Вардар ќе го одигра првиот четвртфинален натпревар во лигата на шампионите. Црвено-црните ќе гостуваат во Данска, на екипата на Митјиланд. Противник со кој имавме можност да играме претходниве три сезони. Првото соочување на овие две екипи беше во сезоната 2013/14 и тоа во втората групна фаза, кога по една победа им припадна на двата тима. Минимално славеа и Вардар и Митјиланд на својот терен. Новото соочување беше во истата сезона и тоа во малото финале на завршниот турнир на најдобрите четири екипи. Тогаш Вардарки славеа со резултат 34:31 и за прв пат во својата историја освоија бронзен медал од најголемото ракометно натпреварување. Вардар се соочи со денешниот противник и минатата сезона, кога во главната рунда одиграа уште два натпревари. Нема по добро да ги паметат тие мечеви скандинавките, со оглед дека ги загубија со голема разлика. На гостувањето во Данска победивме со двоцифрена разлика (15:25), за супериорноста да ја потврдиме и на домашниот натпревар пред својата публика, кога славевме исто така со убедливи 33:24.
Екипата од Данска ја заврши главната рунда на четвртото место на табелата со пет победи и исто толку порази. Дека се работи за квалитетен противник говори фактот, што Митјиланд е единстевниот тим кој оваа сезона му нанесе пораз на Ѓер од Унгарија. Тоа беше во рамките на првата групна фаза, каде Данките имаа пеколна група, а во истата на теренот каде денес ќе се одигра мечот паднаа и актуелниот европски шампион, ЦСМ Букурешт како и еден Ростов Дон, кој на почетокот на сезоната важеше за голем фаворит за освојување на круната. Сепак во таа група Митјиланд успеа да го освои третото место и да ги продолжи натпреварите во главната рунда. Факт е дека играат подобар ракомет на домашен терен, а единствениот пораз пред својата публика оваа сезона го доживеаа од Норвешки Ларвик.
Тоа е екипа составена од колонија на ракометарки од Данска и Шведска, дополнета со интернационалки од Германија, Норвешка и Исланд. Негуваат брз и динамичен ракомет, типичен за скандинавската школа, со брзо завршување на нападите, а брзите контра-напади се нивното главно оружје во дуелите со противниците. Во домашното првенство се наоѓаат на првото место на табелата, со значајна предност пред екипата на Виборг, која е нивни најголем конкурент за трофејот. Најголемата опасност за нашито тим ќе доаѓаат од голманот, Сабине Енглерт, како и од бековите Луисе Бургард и Стине Јоргенсен. Токму Јоргенсен е најдобар стрелец на екипата со 71 постигнат гол, додека втора е Вероника Кристиансен со 49 голови.
Кај Вардар единствено на овој меч ќе недостасува подолго повредената Андреа Човиќ, за која оваа сезона е завршена. Во тимот се враќа пикерот Ања Алтхаус, како и Андреа Лекиќ, кои ги пропуштија последните два турнири во регионалната лига. Тие натпревари беа еден вид на подготовка за Вардарки, за предизвикот кој следува и двомечот со денешниот противник. Сите останати се ставаат на располагање на новиот тренер, Ирина Дибирова која ќе се обиде да го донесе Вардар на нов завршен турнир во ЛШ. Влогот е голем за двете екипи, а резултатот од првиот натпревар може да даде патоказ за реваншот кој ќе се одигра во Скопје. Веруваме во добра игра на нашиот состав и поволен резултат од денешното гостување во Данска.