Со натпреварот против ФТЦ Будимпешта кој се игра вечерва во спортскиот центар Јане Сандански започнуваат новите возбудувања во најголемото ракометно натпреварување за екипата на ЖРК Вардар. Четврта среќа за девојките на Индира Кастратовиќ да стигнат до големото финале од лигата на шампиони. Во претходните три сезони стигнувавме до завршниот турнир на четирите најдобри екипи, но тука секогаш постоеше пречка за црвено-црните. Еднаш бевме блиску и тоа во првата наша сезона во ЛШ, кога по продолженија загубивме од екипата на Будуќност, додека последните два пати бевме далеку од големото финале, иако изминатава сезона, тимот на ЦСМ Букурешт според името беше најголема желба и реалност да се совлада, но Романките ги демантираа сите и на крајот ја освоија европската титула. Сепак се ова е зад нас, сега погледите се насочени кон новата натпреварувачка сезона.
Клубот воглавно го задржа составот од минатата сезона и играчите околу кој се вртеше играта и резултатите. Си заминаа ракометарки кои играа на крилните позиции, како и младата Алена Ихнева. Дембеле, Грбиќ, Черноиваненко и Сокач си пронајдоа нови екипи. Нивните места ги пополнија Камила Херем и Тамара Мавсар. Освен нив добивме уште две големи засилувања во имињата на Александра Лакрабер, европската шампионка и голман Мајса Песоа, како и последното најново засилување на позицијата среден бек, Белорусинската Дијана Илина. На секоја позиција сме добро покриени и оваа сезона не би требало да имаме проблеми со ростерот на екипата. Добивме и нов помошник, кој ќе биде асистент на Кастратовиќ, тоа е Аце Станковски кој многу години наназад работи во РК Вардар. Се надеваме дека со неговото искуство, кој го има и како главен и помошен тренер ќе помогне во добрите резултати на тимот.
Вечерва се среќаваме со противник, кој е прилично добро познат за ракометнат јавност во Македонија. Вицешампион на Унгарија и екипа која последниве години е во “сенка“ на Ѓер кој речиси и да владее во оваа земја со женскиот ракомет. Пред две сезони, сепак ФТЦ успеа да ја освои круната во првенството. Најголемо засилување за нив оваа сезона е токму играч од “лутиот“ ривал. Се работи за Анико Ковачиќ која речиси целата кариера ја помина во екипата на Ѓер и долгогодишна репрезентативка на Унгарија, име зад кое стојат многу трофеи и погодоци во лигата на шампиони. Тука е и интернационалката од Холандија, Даник Снелдер која дојде од екипата на Турингер и игра на позицијата пикер. Организаторот на играта, шпанката Пена Абауреа која исто така може да претставува опасност кон нашиот гол. Најголем дел од тимот е составен од домашни ракометарки, со исклучок на гореспоменатите две и Марија Јовановиќ која доаѓа од Црна Гора. Тим кој никако не смее да се потцени и кој негува цврста игра во одбраната.
Хендикеп во нашата игра вечерва ќе биде отсуството на Андреа Лекиќ и столбот во одбраната Андреа Кликовац, кои поради повреда го пропуштаат првото коло. Сепак со новите засилувања и останатиот состав имаме квалитет да забележиме триумф на воведниот натпревар во ЛШ. Секако потребна е и поддршката од публиката која се надеваме дека ќе дојде во што поголем број да ги бодрат девојките со победа да ја започнат новата сезона.