Женската ракометна Супер лига во новата сезона ќе има неколку нови екипи, постојната лига ќе се зголеми речиси за 50% оваа година. Новите пријавени клубови се Ѓорче Петров, ЖРК Алушовски, Кале Скопје, Чаир и Илинден Кузман Вардар. Сепак, постои веројатност за уште екипи со оглед на тоа што и Аеродром најавуваше настап во Женската лига. Овие пет тимови се приклучуваат во лигата каде што од лани остануваат Металург, Куманово, Вардар, Пелистер, Стружанка, Деспина, Гевгелија, Спартак, Цемс и Овче Поле СУ.
Поради значајно зголемениот број на екипи, кои речиси двојно се повеќе од пред минатата сезона најверојатно ќе се игра првенството во две групи. Причината е големиот број на екипи и потребата да се обезбедат судиски парови за вака голем број на мечеви во време кога постои дефицит в судиската ракометна фела. Сеуште нема конечна одлука од федерацијата, но нивните прелиминарни размислувања се во насока на тоа дека треба тимовите да се поделат во група-1 и група-2. По крајот на т.н регуларен дел најдобрите ќе атакуваат на трофеј, кој најверојатно ќе се додели по одигран завршен Ф-4 турнир. Останува времето пред нас да покаже дали федерацијата ќе се реши за ваков расплет на настаните, што е доста веројатно во оваа консталација на настаните.
Исто така можно е најдобрите екипи од лани да бидат носители при ждребувањето, како би се избегнале дисбалансирани групи каде во едната би биле сите фаворити, а другата би била значајно послаба. Вардаровиот состав кој оваа сезона ќе го предводат од клупата Ристова и Црвенковска секако би бил во таа група на носители бидејќи заврши на позицијата број три во лигашкиот дел.