Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Женското ракометно дерби му припадна на Металург Автокоманда
Женското ракометно дерби му припадна на Металург Автокоманда

Женското ракометно дерби му припадна на Металург Автокоманда

Вардарки загубија минимално со резултат 24:25 (11:14), во дербито на 10.коло во Супер Лигата од екипата на Металург Автокоманда. Натпревар на кој гледавме добри периоди и кај двете екипи, сепак на крајот за еден гол подобри беа гостите од Автокоманда.

Натпреварот започна со двојна одбраната на Андреа Илиќ, додека Трпевска беше играчот кој го отвори резултатот. Се играше гол за гол, се до 9.минута кога Металург Автокоманда постигна три гола во серија и поведе со 3:5. Капитенот Трпевска беше расположена за постигнување на голови, со нејзиниот четврти гол во 11.минута израмнивме на 5:5. Одлична во првиот дел беше и Бојана Коцева која го продираше бедемот кон голот на противникот, токму со нејзин погодок израмнивме на 6:6, за истава ракометарка во 20 минута повторно да донесе израмнување на 8:8.

Противникот се покажа како подобар во последните десет минути од натпреварот во салата „Круме Кепески“, најпрво поведе со 9:12, за со првиот гол на Сара Стефаноска да го намалиме резултатот на 10:12, а во 26.минута Царчев побара минута одмор. Металург Автокоманда имаше и највисоки четири гола разлика, додека конечните 11:14 на полувреме, со својот втор погодок ги постави Стефаноска.

Во вториот дел на голот застана Вероника Ѓорѓиевска која веднаш забележа одбрана, додека со два погодока на Стефаноска успеавме да намалиме на 13:15 по четири минути игра. Брзо темпо на игра гледавме и во овој дел од мечот, Ѓорѓиевска запра нов удар на противникот, за Трпевска со својот седми гол да намали на само еден гол негатива, резултатот во 39 минута гласеше 15:16, за истава ракометарка да ни донесе израмнување со нејзиниот осми гол, што беше знак за противничкиот тренер да побара тајм-аут.

После долг период, вардарки ја вратија предноста и со погодок на Трпевска поведовме со 18:17. Одлично игравме во овој дел од натпреварот, со поагресивна одбрана и поголема концентрација во нападите, успеавме да поведеме. Со својот 47-ми гол сезонава, Стефаноска ни носи највисоки три гола предност, резултатот на семафорот во салата Круме Кепески гласеше 20:17 по 48 минути игра. Металург Автокоманда се врати во игра и успеа со серија од 2:5 да израмни на 22:22 во 54 минута. Денес бевме непогрешливи од ударите од седум метри, повторно Трпевска е смирена и погодува за предност од 24:23 на три минути пред крајот. До крајот ние не успеавме да го пронајдеме патот до мрежата на гостинскиот тим, иако Радевска ја погоди стативата, за Металург да постигне два гола и на крајот да слави со резултат 24:25. Штета, што не успеавме да освоиме барем бод од овој натпревар, на кој во вториот дел имавме и позитива од три гола.

Вардар: Ивона Кимовска, Ивановска, Попова, Стефаноска 7, Галачева, Василева, Велјаноска, Илиќ ( 5 одбрани), Борј.Коцева, Трпевска 13, Ива Кимовска, Радевска, Ѓорѓиевска ( 5 одбрани), Милевска, Бој.Коцева 4.