Во новата сезона во ракометна Македонија многу очи ќе бидат вперени во помладиот женски црвено-црн тим. Пионерската екипа на ЖРК Вардар зад себе има сезона за паметење, овие млади девојки направија нешто неверојатно. Тие ги обединија пионерската и кадетската титула во иста сезона, што е подвиг сам по себе. Во пионерската лига и беше помалку очекувано, во кадетската лига тоа е вистински успех да се стане „владетел“ во конкуренција каде играш со повозрасни девојки. Тимот е предводен од Платон и Папуџиева, одлично екипиран и со врвен квалитет.
Имаме чест да направиме интервју пред почетокот на новата сезона со една од клучните алки на овој тим, една од препознатиливите лица на оваа екипа, единствената Мила Пешиќ, Станува збор за посебен играч, таа е пикер кој добива доверба да изведува пенали. Ретка ситуација на терените, ама Мила е девојка со перфектен шут, голманите се немоќни, нејзиниот просек од линијата одалечена седум метра од голот е фрапантно голем. Пешиќ е силен и корпулентен дефанзивен играч, жесток во дуелите на линијата, секогаш мотивиран и предан на тимот. Противничките ракометарки ретко се наигруваат покрај овој жесток борец, таа е вистинско богатство на нашата дефанзивна линија. Колку што има значење за запирање на противничките напади, толку големо влијание има и при „кршењето“ на ривалите во офанзивата. Располага со одличен прием, недодржливо свртување по кое голманите им преостанува да ја потфрлат топката на центарот откако таа завршила зад нивниот грб. Интелигентна, доминантна и креативна ракометарка е вардаровата девојка која покрај со ракометен талент зрачи и со позитивна енергија на теренот. Секогаш е подготвена за битка, за неа нема важни и неважни дуели, нема добиен или изгубен меч, се дава 100% во секоја ситуација затоа нејзиното место во овој шампионски тим е посебно. Таа е една од клучните „полуги“ кој го носеа овој тим до врвот, без неа ништо немаше да биде исто, тоа е дефинитивен заклучок. Во продолжение прочитајте го интервјуто за девојката која речиси со сигурност ќе остави голем траг во женскиот ракомет во земјава.
На самиот почеток ни го појаснува чуството како е да се биде дел од еден тим кој гази се пред себе. Овие девојки ги нарекоа „Лавици“ бидејќи така мали а така храбри совладуваа доста посилни и далеку повозрасни и поискусни ривали. Еден од нивните „мотори“ ни го опишува тоа.
Чуството е неописливо, истото треба да се доживее и тешко е да се пренесе преку пишан збор. Да се биде дел од ваква шампионска генерација е големо задоволство, како за мене така и за мојот тим со кој што вложивме многу за да стигнеме до овој успех. Да си една од девојките кои добиа прекар „лавици“ е гордост и голема привлегија која секој млад спортист во оваа земја може да ја посака за себе. Неможе да се преточи низ текст тоа што се чуствува во моето срце за припадноста кон оваа екипа.
Тимот во кој Пешиќ е еден од главните алки, неодминлив дел, има некоја посебна хемија. Пикерот на нашиот црвено-црни пионерско/кадетски состав ќе ни ја “разоткрие“ тајната на овој перфектен колектив.
Тајната на успехот на мојот тим е тоа што ние играме еден за сите, сите за еден како и хемијата и поврзаноста, вклучувајќи ја и нашата мотивација земена од првиот тим на РК Вардар кој што постигна голем успех и донесе две шампионски титули. Хемијата е присутна помеѓу нас, ние се бориме една за друга, постојано се поддржуваме и успеавме да дојдеме до успех. Овој тим е екипа на борци кои безмилосно се борат за секоја топка на теренот, успехот е полод на нашиот труд и на трудот на нашите тренери. Исто така и големата поддршка од нашите родители кои што не следат на сите наши натпреварувања.
Прво се крунисаа и се „позлатија“ во пионерската конкуренција, таму тие едноставно издоминираа победија на десет меча во групата. Заминаа на Ф-4 каде што со две победи дојдоа до пехар и овде Пешиќ имаше забележителна улога во тимот.
Пионерската лига ни беше “отскочна даска“ и стекнување на искуство кое што потоа ни помогна за понатамошните натпревари во кадетската лига. Таа ни беше ослободување од стравот, учење на судиски правила, стекнување на дисциплина и создавање креативност во нашата игра. За се друго зборува бодовната табела, ние се „прошетавме“ во оваа конкуренција апсолутно доминирајќи и победувајќи ги сите мечеви од првиот се до финалниот кога го добивме пехарот и златните медали.
Она што ги обележа лани е кадетскиот успех, таму тие беа најмал тим, наесен беа на место кое не води на завршницата. Сите ги потценија мислеа дека нема да направат нешто посебно, но Мила и останатите девојки не мислеа така. Изгазија на пролет и како лидери заминаа на Ф-4, таму повторно не беа вбројувани во фаворитете. Сепак нивниот лавовски карактер дојде до израз, како предатор кој „намирисал крв“ ја зграпчија шансата и дојдоа до врвот на кој никој и не ги гледаше.
Во кадетската лига покажавме карактер, игравме цврсто и со голема мотивација бидејќи бевме малку и потценети од противничките екипи поради разликата во возраста. Во есенската полусезона имавме падови во играта, но тоа само ни ја зголеми мотивацијата и затоа во пролетниот дел влеговме уште помотивирано со веќе стекнато искуство, тимски дух, сплотени како едно семејство и “изгазивме се пред себе”. Така заедно сплотени маршираавме незадржливо кон врвот. Таа титула едноставно беше награда за сестринскиот однос кој го имаме помеѓу себе и хемијата која е присутна. Горда сум на тој успех, ние покажавме дека никој не смее да не смета за „отпишани“, бидејќи ние сме девојки со цврст карактер и силна воља.
Залудно е да се трошат епитети повторно за нејзината игра, таа е нешто посебно во црвено-црниот состав. Дава имплус, погодува од седмерци, се бори, како самата ја гледа својата игра дознаваме во продолжение.
Јас сум задоволна од мојата игра, од перформансите кој јас ги прикажав досега. Секако како и секогаш велам, дека може подобро. Секогаш на теренот сум бескомпромисна и го давам мојот максимум, на секој меч едноставно играм до крај. Ниту еден играч не е совршен се се постигнува само со желба, труд, напор и вложување. Мое е да работам под менторство на моите тренери и успехот ќе си дојде сам по себе. Не сакам многу да зборувам за себе, нека играта и постигнатото говорат за тоа. Ова е екипен спорт овде победува колективот, јас се ставам во фунција на тимот како и секогаш.
Пред нас е веќе новата сезона 2019/2020 во која не очекуваат нови возбудвања. Овој тим ќе треба да одбрани дури две домашни титули на кои ќе атакуваат десетици други екипи, пред нив е тежок, но и не и невозможен пат. Вардаровата ракометарка поприлично е уверена во нов успех.
Во следната сезона ќе влеземе со “товар“ да одиме на одбрана на титулите. Предност за нас е дека малку сме позрели и со поголемо искуство во новата сезона. Мислам дека имаме капацитет и оваа година да го постигнеме истото од лани, а за тоа ќе придонесе и нашето меѓународно искуство кое го стекнуваме на турнирите. Работиме со цел да ги обоиме повторно двете круни во црвено-црна боја, што само по себе би било голем успех за овој млад и сплотен тим. Ќе одиме чекор по чекор, најпрвин посакувам добро да ја отвориме есенската сезона, потоа се ќе оди полесно во продолжение.
Секој спортист, особено млад ракометар има свој пример или идол па така и нашиот шампионски пикер со кого зборуваме. Покај тоа дознаваме што значи за еден вака млад успешен спортист да биде дел од светиот црено-црн тим, Вардар.
Мојот ракометен идол е бекот на европскиот првак Вардар, „џинот“ Даинис Криштопанс. И покрај тоа што не играме на истата позиција, тој ми е голема мотивација и многу ми е жал што од другата година повеќе нема да биде дел од Вардар. Кога сум кај името „Вардар“ тоа едноставно е поим за институција и столб на македонскиот спорт. Името асоцира на нешто големо, вардаровото име е синоним за бренд во македонскиот екипен спорт. Навистина како млад спортист сум посебно горда што сум дел од овој клуб.
Тимот до успех го водеа две познати ракометни имиња, тренерите на овој црвено-црн колектив. Станува збор за Анжела Платон и Марија Папуџиева кои многу дадоа од себе за овој успех на тимот на домашна и меѓународна сцена.
Веќе две години работам под водство на овие тренери и сум презадоволна од нивната досегашна работа. Тие секогаш даваат максимум за нас, ни се предаваат целосно и искрено. Сметам дека имаат голем придонес во мојот напредок, особено затоа што мојот тренерот Платон Анжела играла на позицијата пикер на која јас настапувам. Тоа може да ми пренесе дополнителни искуства што од мене ќе направат подобар ракометар. Тие се важен дел од оваа шампионска екипа, тие го селекираа тимот го формираа костурот, ни дадоа внимание и ракометно знаење што е нешто бесценето за нас како млади ракометарки кои сеуште го изодуваат патот кон врвот.
Мила Пашиќ е пикер, каде владеее целосно и неприкосновено. Што посебно ја инспирирало да го заземе тоа место во тимот ни соопштува за крај на ова интервју.
Во тимот настапувам на позицијата кружен напаѓач, многу си ја сакам мојата позиција. Посебно сум среќна што играм пикер, таа позиција одговара на мојот карактер, тука се чуствувам како своја на своето и максимално ме исполнува. На таа позиција има многу борба, нешто што јас уживам да го правам, да се борам со ривалите во безбројните дуели се со цел да мојот тим има успех. Според мене сите позиции се исто важни во тимот, но оваа посебно има важност за мене и затоа и се посветив- вели Пешиќ.
МИХАЈЛО ТУШЕВСКИ