Сашка Филипоска е следната млада ракометарка со која ќе ве запознаеме. Во новата сезона, таа ќе биде дел од вториот тим на ЖРК Вардар, кој се натпреварува во најсилната супер лига. Ова ќе биде четврта сезона за неа во црвено-црниот дрес, која ги има поминато сите младински екипи на ракометниот клуб Вардар. Игра на позицијата десен и лев бек, додека минатата сезона за младинските на Вардар играше на позицијата десен бек. Исто така се работи и за младинска репрезентативка на Македонија, која влева надеж за во иднина дека може да прерасне во врвна ракометарка. Сашка потекнува од спортско семејство, па од тука и нејзината желба да започне да се занимава со спорт, односно ракомет кој станал единствен правец каде се гледа во иднина.
1. Зошто баш ракометот го избравте како спорт со кој се занимавате и денес. Дали имаше желба за некој друг спорт ?
-Моите родители биле спортисти и во домот секогаш се зборува за спорт. Мајка ми била ракометарка , татко ми фудбалер, па затоа имав можност да бирам некој од овие два спорта и на крајот се одлучив да тргнам по стапките на мојата мајка.
2. Каде започнавте да тренирате, кој беше вашиот прв тренер и на колку години за прв пат почуствувавте ракометна топка ?
-Започнав да тренирам во РК “107” во школата на мојата мајка , Елизабета Филипоска, која беше продолжение на школата од РК”Тут-Ком”. Моите почетоци беа од 5-6 години бидејќи секогаш бев на ракометниот терен.
3. Кои се младински екипи на РК Вардар ги имате поминато и со кои се тренери имавте можност да соработувате ?
-Прв мој тренер во Вардар беше Благоја Весиќ, а потоа во кадетската лига настапувавме со Билјана Пецевска и Драгана Пецевска – Ристова. Последнава сезона во младинската екипа не предводеше Анжела Платон и Александра Кузмановска.
4. Можеш ли да ни издвоиш натпревар во дресот на Вардар, кој најмногу ти останал во сеќавање ?
-Во дресот на Вардар највозбудлив и највпечатлив ми бил натпреварот со Металург, одигран минатата сезона, кога во спортската сала во населбата Автокоманда одигравме со нерешен резултат. Тоа беше возбудлив меч, како да се играше финале на младинската лига, каде двете екипи дадоа се од себе да забележат триумф.
5. Вие сте и младинска репрезентативка на Македонија. Имавте можност да бидете дел од националната селекција на европското првенство кое се играше во Словенија, каде не се прославивте многу. Како гледате на се ова и една ваша оцена за настапот и постигнатите резултати ?
-Чест ми е и гордост што настапив за македонската малдинска репрезентација. Се надевам дека и понатаму ќе бидам дел од неа, иако од селекторот добив минимална минутажа да се покажам и докажам како ракометарка. За слабите резултати што ги направивме на ЕП во Словенија оставам простор да анализира селекторот , иако сметам дека дадовме максимум и игравме од срце за Македонија, според инструкциите на нашиот селектор. Сите посакувавме барем една победа, но ете тоа не се случи. Оставам простор на ракометните стручњаци да оценат зошто тоа е така.
6. Пред вас е најголемиот предизвик засега во вашата играчка кариера. Во новата сезона ќе настапувате за Вардар СЦЈС, кој се натпреварува во најсилната супер лига. Кои се првобитните очекувања, дали сметате дека може да го повторите успехот на оваа екипа од претходните две сезони, кога беа вицешампиони на Македонија?
-Предизвик е да се биде во Вардар СЦЈС. Ќе дадеме се од себе да ја потврдиме довербата што ни ја пружи стручниот тим на Вардар. Не можам да кажам дека не ми годи повикот од тренерот Симовски. Иако ќе бидеме сигурно најмлад состав во супер лигата ќе даваме повеќе од своите можности на секој натпревар, кој ќе биде едно големо искуство за овие млади ракометарки на Вардар. Не можам да ветам за позицијата на табелата на која ќе завршиме на крајот од сезоната, но свесни сме дека ова е одлична шанса на секоја од нас максимално да се докаже, зошто само така ќе има шанса да биде поблиску до првиот тим на Вардар.
7. Што е потребно за еден играч да биде успешен и квалитетен. Што мислите што е потребно за да се достигне тоа ниво ?
-За да се биде успешен потребно е човек да поседува одредени квалитети. Спортот бара жртвување, работа, дисциплина и одговорност. Моето мото кон успехот е работа, работа и само работа.
8. Дали имате желба, или цел која сакате да ја остварите за во иднина ?
-На секоја ракомерка е сон да настапи во лигата на шампиони. Така и јас, мојот сон е да бидам дел од првиот тим на најдобрите и да настапам во најголемото ракометно натпреварување со тимот на Вардар.
Звонко Ивановски