Викендов во салата “Кале“ се одигра второто коло во ракометната Вардар Јуниор лига. Во генерација 2000/01 кај момците се одигра дуелот РК Шампион Вардар и РК Урдаревски. Кај дамите се одигра мечот Опш. Кисела Вода-Вардар и РК Будимир Вардар од овие два мечеви ви носиме извештај, а на дното од текстот може да погледнете извештаи од сите останати дуели кои се играа во Кале.
Кај највозрасната машка категорија се одига еден дуел, во генерацијата родени 2000 и 2001 година се сретнаа екипите на РК Шампион Вардар и РК Урдаревски. Во еден интересен дуел победата им припадна на момците од тимот на Урдаревски, со резулат 14-20. Првиот дел токму они го отворија со два последователни гола за почетна предност 0-2. Оваа предност од два гола беше постојана во текот на првиот дел, тие водеа со 1-3, 2-4, 3-5. Успевајќи на средината од првиот дел да направат мини серија 0-2 зголемуваат на 3-7 идејќи првпат на комотини плус четири. Оваа предност им даваше шанса да играат долги напади и да го трошат времето до крајот од првиот дел. Шампион се обидуваше да намали но неуспеваше, на полувреме “стопи“ само еден гол од оваа предност и замина со негатива 7-10.
Вториот дел почна со по еден гол во двете мрежи за резултат на семафорот во Кале 8-11. Потоа следеше пеколна серија на момците од екипата на РК Урдаревски. Тие ги збија својте редови, непримија ниеден гол, а постигнаа дури пет, со оваа серија 0-5 поведоа со 8-16 со што го најавија расплетот на овој дуел во машка конкуренција кај генерацијата 2000/2001. Шампион се обидуваше да намали во продолжение, сепак тоа не успеваше онака како што очекуваа докрајот единствено го ублажија резултатат и Урдаревски победи со “плус шест“ односно 14-20. Кај победникот: Стефан Стефковски (два од пенал), Оливер Јовчевски и Никола Николов стрелаа успешно по три пати. Кај поразените Давидков Филип, Адријан Ристовски, Стојан Димитриевски, Стефан Дуковски и Даниел Митевски погодоја по два пати.
Кај дамите во генерацијата родени 2002 и 2003 година во салата “Кале“ се одигра еден дуел во истиот се сретнаа екипите на Опш. Кисела Вода-Вардар и РК Будимир Вардар . Поуспешни во овој дуел беа девојките на Адријана Будимир кои остварија триумф со резулат 10-12 со пресврт во вториот дел од дуелот. Мечот почна со погодок за РК Будимир на кој веднаш вратија девојките од Кисела Вода. Со два последователни голови ракометарките на Будумир поведуваат со 1-3, сепак К.Вода не се предава и во продолжение ја подобрува реализиацијата, ги затвара приодите кон својот гол правејќи серија 4-1 со која поведува со 5-4. Докрајот од првиот дел двете екипи постигнаа по еден гол за да се замине со предност за К.Вода од 6-5.
Вториот дел почна со изедначување од страна на девојките на Будимир кои погодија за 6-6. Следеа минути гол за гол резултатот беше издначен уште двапати првин 7-7, па 8-8. Следеше серијата која ја донесе победата на РК Будимир, тие прават пресврт со серија 1-3 поведувајќи со 9-11 предност со која влегуваат во финишот и не ја испуштаат. Во последните минути се постигнаа по еден гол во двете мрежи, за резултат 10-12 и триумф на РК Будимир. Кај победникот прв стрелец беше Вероника Мијакова со три гола, а по два постигнаа Ева Атанасовска и Јана Чоловиќ. Кај поразените Анастасија Мијова имаше три гола, исто толку имаше и Александра Стојановиќ од кој еден од линијата од 7 метри.
Напомена: Во салата “Кале“ се одиграа уште четири дуела во саботата во кој Шампион и Урдаревски триумфираа кај момците генер.2002/03 ( извештај ), а во генерација 2004/05 се играа еден машки и еден женски дуел. Победа за РК Будимир кај момците и Опш. К.Вода-1 кај дамите ( извештај ).