Фудбалскиот клуб Вардар постои 73 години, низ овие 7 декади многумина голмани го бранеле црвено-црниот гол. Сепак меѓу плеадата извонредни чувари на „црвено-црната“ мрежа, во преден план отскокнува името на прославениот и честопати несовладливиот Драган Мутибариќ. Роден на 10 ноември 1946 година, во Сомбор – соседна Србија, Мутибариќ со успех настапува меѓу вардаровите стативи, најпрвин од 1966-тата до 1975-тата, а потоа и од 1979-тата до 1983-тата година. Во тимот на Вардар има брането на вкупно 461 натпревар, од кои 256 се првенствени средби и според бројот на настапите се наоѓа на четвртото место во богатата клупска историја.Човекот кој остави неизбришливи траги со неговите бравурозни интервенции, во неколку наврати работеше и како тренер на голманите во првиот тим и младинските екипи на Вардар. Токму како член на стручниот штаб, Мутибариќ може да се пофали и со четири освоени трофеи во државното првенство (сезона: 1992/93, 1993/94, 1994/95 и 2002/03) и еден во националниот куп (1997/98) во независна Република Македонија. Покрај него на голот на Вардар има свои моменти и неговиот син Слободан Мутибариќ. Тој беше во генерација со Панчев, екипата која се закити со младинска југословенска титула. Посебно интересен е еден факт кога во еднен момент што беше “куриозитет“ во Екс-Ју лигата се разбира и единствен пример во Вардар овие 70 години се најдоа татко и син во првата постава на една екипа и двајцата конкурираа за место помеѓу стативите. Слободан зборува за својте почетоци и токму тој момент за нашиот сајт.
Во фудбалскиот клуб Вардар започнав во далечната 1980 година во пионерите под водство на Златко Илиевски и Кирил Дојчиновски. Започнав како центарфор, некако порано ме привлекуваше во моето мало да играм како напаѓач и нормално понекогаш застанував на голот да видам какво е чуството. Периодот во Вардар како центарфор заедно со Дарко Панчев ми остана во убаво сеќавање. Но нашиот тренер како што поминуваше времето не мислеше така и по една повреда на првиот голман ме стави да бранам со помислата дека морам да имам нешто преземено од Вардаровата легенда и мој татко, Драган Мутибариќ. Со тоа се сложија Андон Дончевски и Златко Илиевски, тој натпревар се сеќавам дека го одбранив одлично. За време на тие две години колку што бранев во Вардар бев дел од многу турнири и со Македонската младинска репрезентација која тогаш ја предводеше Трајче Ковачев покажавме со моите соиграчи Коки Аврамовски, Дарко Панчев и Зоран Трајчевски дека Вардар има светла иднина. Во 1983 година на помошното игралиште на Вардар се играше пријателски натпревар помеѓу нашата младинска екипа и втората екипа на Вардар, на кој ние победивме и 4-5 играчи од младинскиот погон бевме префрлени во првиот тим од тогашниот тренер Вукашин Вишњевац. Ја паметам таа година, бидејќи за прв пат во историјата на Екс-Ју лигата се најдоа татко и син во првата постава на една екипа, мојот татко кој имаше 37 години и јас со 17 години. Тука беше и Момчило Грошев кој се истакнуваше со големата храброст и пожртвуваност на тренинзите.
Следната година го освоивме младинскиот куп на Екс-Ју, каде покажавме дека сме талентирана генерација. Овој натпревар се играше во Белград, на маракана, на кој ние победивме со 3:2 против екипата на Војводина. Секако најубав период е кога сениорскиот тим на ФК Вардар во 1987 година ја освои шампионската титула, во која настапував и јас, како и Панчев, Аврамовски и Трајчевски.