Денес во машкиот дел на ракометната “Јуниор“ лига кај генерација родени “2002/03 се одиграа три натпревари.
На првиот меч се сретнаа екипите на РК Преспа и ГРК Гостивар, дуел кој убедливо им припадна на тимот од Ресен. Само во првите десет минути Гостивар одржуваше резултатска рамнотежа кога резултатот беше 5:4, иако на стартот од натпреварот Гостивар имаше едно и единствено водство од 2:3. Како се ближеше крајот на првото полувреме, избраниците на Ангелковски постојано ја зголемуваа предноста. Најпрво беше 7:4, па 10:6 за Преспа да направи серија од пет последователни голови и на полувреме да има убедливи 15:6.
Продолжи серијата и во второто полувреме со уште единаесет нови голови за резултатот на семафорот да гласи 26:6. Последните пет минути беа рутина за тимот од Ресен, кој слави со резултат 29:9. Михајло Костовски беше прв стрелец со 9 голови.
На вториот меч кај оваа генерација победа забележа екипата на РК Кале-Кичево против Општина Кисела Вода 2. Натпреварот заврши со резултат 22:19 во корист на тимот од Кичево. Кисела Вода имаше подобар старт на натпреварот кога поведе со 0:2 и 1:3, но следеше брз одгововор на РК Кале кој врати со серија од 5:0 и за поведе со три гола разлика (6:3). На еден гол на Кисела Вода, екипата од Кичево одговараше со три па на пет минути пред крајот на полувремето имаше солидно водство од 9:4. Истото до крајот на првото полувреме го зголемија за на одмор да се замине со резултат 12:6. Во вториот дел Кале ја одржуваше предноста и имаше контрола на резултатот. Се што стори Кисела Вода е да намали на два гола (19:17), сепак Кале псотигна два последователни гола и зголеми на 21:17. До крајот немаше проблеми да го задржи водството и триумфираше со 22:19. Филип Личоски беше најефикасен кај победникот со 5 голови.
Во последниот натпревар од оваа генерација триумф забележа Делчево во дуелот со РК Бисинов. Во најголем дел од првото полувреме се играше израмнето и ниту една од двете екипи немаа поголема предност од два гола. При резултат 8:9 за прв пат на мечот екипата на Делчево со два гола во серија стигнува до највисоки три гола разлика 8:11. Намалија за момент избраниците на Никола Бисинов, но финишот на првиот дел беше за Делчево кој со нова серија замина на одмор со предност од 9:14.
И во вториот дел Делчево беше многу подобра екипата на теренот. На средината на вториот дел имаа речиси двоцифрена предност од 13:22, по што беше јасно кој ќе забележе победа. До крајот на натпреварот, екипата на Бисинов успеа да намали и да го заврши мечот со достоен пораз. Конечниот резултат гласеше 22:28. Димитар Георгиевски со 7 гола го предводеше Делчево до победа.