Словенецот, Сташ Скубе минатата сезона беше еден од главните „виновници„ за освојувањето на ЛШ. Тој и оваа сезона е „моторот“ на Вардар. Средниот бек на црвено-црните, пред мечот во ЛШ против Мешков Брест даде интервју за рускиот сајт „БрзЦентар“. Одговараше на повеќе прашања, во продолжение најинтересните за вардаровата јавност:
-Вардар бележи тежок период: Многу повреди, промена на тренер. Жалиш што остана во тимот?
*Имаме многу проблеми, тоа е факт. Ништо не ни оди како што треба. Ние сме момци што ќе се бориме до крај, без разлика на ситуацијата. Не жалам што останав во Скопје, убаво ни е со семејството, а тоа ми е најважното.
- За време на летото те поврзуваа со ПСЖ. Што се случи?
*Да, бев близу до трансфер во екипата на ПСЖ. Се беше речиси готово, ама на крај пропадна. Не сакам да навлегувам во детали околу тоа.
- Дали заминувањето на Карачиќ од Вардар те растажи? Новата тактика со два бека во напад ви беше добра.
*Таа тактика ми се допаѓа. Вистина, Игор беше многу корисен кога игравме така. Жалам што тој замина во Киелце, но таков е животот. Тешко е да кажам со кој друг би можел да играм така. Но, со двајца плејмејкери на терен, можеш да дојдеш и тоа како до добар резултат.
- Низок си за играч на твојата позиција – 179 сантриметри. Дали го гледаш како хендикеп, или како предност?
*И двете. Тешко ми е да реагирам дефанзивно и да шутирам од девет до десет метри. На спротивната страна, дриблањето еден на еден и брзината се моја специјалност.
- Каде се гледаш себеси за пет години?
*Се надевам дека ќе играм ракомет и дека ќе минам без сериозни повреди. Планирам да играм уште шест или седум години на високо ниво. Сакам да играм на Ф4-турнирот во ЛШ, па и пак да го освојам овој престижен трофеј. Успеав во тоа минатата година, морам да признаам дека чувството е феноменално.