Вардаровата женска сениорска екипа годинава е составена од неколку малку повозрасни девојки и повеќето ракометарки од 15-16 години кои се по всушност кадетки. Сепак тие покажаа дека на теренот игра срцето, а црвено-црното е огромно и пулсира во еден ритам, шампонски. Во младинската лига сме лидери на пауза, апак во сениорската конкуренција ќе “зимуваме“ во топ-3 тимовите. Тоа е нешто што не можеше да се замисли на почетокот од сезоната, кога девојките тргнаа потценети и со сомнеж, но се случи сосема спротивното, црвено-црна ерупција.
Член на овој тим е и Ана Марија Божиновска, станува збор за една од повозрасните девојки во тимот која доби шанса да ги води низ суперлигашките предизвици остатокот од колешките. Таа е девојка која има грациозно движење по теренот, изразито голема брзина на расмислување при донесување одлуки во играта, нешто посебно, поседува посебна ракометна интелигенција која ја краси, еден играч кој е своевидна реткост со позитивните карактеристики кои ги поседува. Храбра, пркосна и незадржлива особено кога на остатокот од тимот не му иде најдобро, со светла преспектива доколку продолжи да напредува како и до сега. Во продолжение разговараме со нашата 10-ка во црвено-црниот колектив, за тоа како започнала со овој спорт и како патот ја донел во тимот со големо име, Вардар.
Со ракомет започнав пред 8 години, сосема беше случајно, тргна “другарувањето“ со ракометната топка во школата на Металург каде прв тренер ми беше Јулијана Црвенковска. После неколку години не повикаа некои девојчиња за првиот тим на Металург чиј тренер беше Петрушевски. По 2 години се одлучив да ја сменам средината и да пробам нешто ново, така станав дел од црвено-црното семејство наречено Вардар. Да си дел од Вардаровиот тим е сосема друго искуство, нов начин на игра, нови луѓе, и нова средина. Ми се допаѓа како функционира и за овој период сосема се поврзавме како тим помеѓу нас.
Тимот беше “фрлен во оган“ во Супер лигата каде се соочи со сериозни противници, како се адапираа на оваа ситуација девојките и Ана Марија како една од ретките поискусни девојки на чии плеќи падна дел од товарот, таа ни споделува во продолжение.
Девојчињата се коректни едни спрема други, исто како и тренерите, па секој проблем во играта пробуваме да го решиме заедно. Во есенскиот дел сметам дека многу покажавме, бидејќи влеговме како аутсајдери, а оваа полусезона ја завршивме во топ-3 на табелата. Пласманот е сосема заслужен на ова место, верувам и ветувам во мое име и името на девојките дека ќе се потрудиме да ја искористиме шансата да се качиме на табелата. Исто така и во младинската женска ракометна лига се надевам дека ќе продолжиме со истиот ритам.
Пролетнит дел е пред нас, по крајот на стандардната зимска пауза вардарки ги очекуваат мечеви од младинската лига, но и два сериозни сениорски предизвици. Девојките на Симовски, Ристова и Царчев ќе го нападнат врвот во Супер лигата и ќе играат во Купот на земјава.
Оптимизмот е главен засега, како чуство кое владеее кај сите нас. Кога сме кај очекувањата тоа пред се постигнување на позитивни резултати. Ние како тим се подготвуваме пред се за Супер-лигата така и за Купот на Република Македонија. За овие предизвици на пролет и успехот при настапот на ове два фронта се спремаме на секој начин.
За крај побаравме да ни го открие своето ракометно мото кое ја води како “ѕвезда водилка“ низ кариерата и тоа дали во процесот на созревање од почетник до сениорски играч имала идол во домашниот, европскиот или светскиот женски ракомет.
Хм…можеби не е мото, но карактеристично за мене е што не се откажувам од целта лесно, па мислам дека тоа е поттикот, “огнот“ што ме водел досега во кариерата и животот до остварување на зацртаните цели. Искрено идол посебен немам, ама има неколкумина играчи кои ми оставиле голем впечаток кога сум ги следела- завршува Божиновска.
Михајло Тушевски