Во еден тежок и неизвесен дуел до самиот крај, Македонската ракометна репрезентација до 19 години успеа да ја забележи првата победа на квалификацискиот турнир во Скопје. Совладана беше репрезентацијата на Исланд со резултат 24:22. Со пресврти во играта и менување на водството, сепак на крај подобро се снајдоа нашите девојки.
Не почна добро за нас овој дуел, каде на моменти имавме негатива и од пет гола. Сепак како одминуваше мечот игравме се подобро, па на полувреме заминавме со достижни 8:10. Во вториот дел гледавме сосема поинаква слика на теренот. Избраничките на Симе Симовски заиграа поцврсто во одбраната и не му дозволуваа на противникот лесни голови. Од друга страна нашиот напад беше се посигурен и поубедлив. Најпрво успеваме да израмниме, а подоцна да постигнеме неколку голови во серија за комплетно да ја свртиме предноста во наша корист, која на еден момент изнесуваше пет погодоци. Кога помисливме дека лесно ќе ја донесеме завршницата на мечот, следуваше голем пресврт од Исланд, кои успеаа на изнадување на публиката во С.Р.Ц. Кале да го израмнат резултатот. Но оваа серија на гостинската репрезентација, не ги потлекнаа нашите репрезентативки, кои ги постигнаа последните два гола на овој натпревар.
Победата беше сосема заслужена, тоа го покажа Македонија со добра игра во вториот дел. Најзаслужни за овој прв триумф беа Сара Ристовска која постигна 9 голови. Вардарките Теодора Керамитчиева, Симона Стојановска и Ангела Тодоровска додадоа по 4 погодоци. Уште една победа од преостанатите два дуела, е потребна да се завери пласманот на Европското првенство, кое оваа година ќе се игра во Шпанија. Денес не чека нов меч, против репрезентацијата на Холандија со почеток од 18:30