Saturday ,27 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > “Изгоревме“ во желбата за финале, но покажавме дека сме на вистински пат следната сезона да го подигнеме трофејот
“Изгоревме“ во желбата за финале, но покажавме дека сме на вистински пат следната сезона да го подигнеме трофејот

“Изгоревме“ во желбата за финале, но покажавме дека сме на вистински пат следната сезона да го подигнеме трофејот

Заврши уште една сезона во женската лига на шампиони, во која нашиот женски ракометен шампион по трет пат беше дел од најдобрите четири екипи во Европа. Тргнавме во Будимпешта со голема желба и надеж дека можеме да играме во големото финале и да се бориме за Европската круна. Екипата на Букурешт беше противник по “мерка“ за црвено-црните и најпосакуваниот противник пред извлекување на ждрепката за завршниот турнир. Со Романките имавме можност да играме во главната рунда и на два пати да ги победиме, иако на мечот во Скопје, тој триумф беше изразен само со еден гол разлика. Четвртфиналето со Ларвик и двата добри натпревари против поранешниот Европски шампион, пред се оној во Јане Сандански беше добра најава дека Вардарки се спремни да се изборат за нешто повеќе од тоа трето место, кое беше резервирано за нас во последните две сезони.

Ждрепката сакаше да го извлечеме токму “посакуваниот“ Букурешт, а во другото полуфинална “војна“ да се судрат големите Будуќност и Ѓер. ЦСМ Букурешт беше дефинитивно најголемото изненадување за целата ракометна јавност во Европа. Како никој сериозно да не ги сфати, а прв кој се “изгоре“ во надежите дека лесно ќе победат, беше тимот на Ростов Дон. Рускиот претставник до пред одигрување на двомечот од четврфиналето со Букурешт, беше единствениот тим во ЛШ, кој немаше доживеано пораз. Се случи и тоа “изненадување„ , избраничките на Ким Расмунсен беа подобри во двата натпревари и обезбедија учество на еден завршен турнир. И пред да започне Ф4 во Будимпешта сите го ставаа во редот на последните, никој не очекуваше можеби и тие самите дека “врвот“ на нивната форма ќе биде достигнат токму во последните два натпревари од сезоната.

Вардарки покажаа силни амбиции, изгледаше дека сме максимално подготвени и мотивирани да го скршиме “мразот“ во полуфиналните мечеви и да играме во големото финале. Сепак не беше така како што сите посакувавме. Невообичаено црвено-црните имаа многу лош ден или натпревар сеедно, речиси и ништо да не функционираше во нашиот тим кој слабо го започна мечот, кој веќе излезе од “колосек“ од кој неможевме да се вратиме ниту во второто полувреме. Букурешт на голот ја имаше Грубишиќ, која правеше чуда на голот и ни “скина“ многу зицер погодоци, кои и тоа како влијае на текот на натпреварот. Фактот дека нашиот најдобар стрелец Андреа Пенезиќ постигна само еден гол и тоа во последната минута од дуелот говори за нашите лоши 60 минути, или пак добри за екипата од спротивната страна. Букурешт се радуваше на крајот, а ние не успеавме да го оствариме сонот. Разочарувањето беше несомнено големо во нашиот табор, свесни беа и самите девојки дека ова беше повеќе од лош натпревар и дека несмеевме да ни се случи вакво издание. Сепак тоа беше минато, ништо неможеше да го врати од почеток натпреварот, а мислите веќе се свртија и насочија кон следниот противник. Во другото полуфинале или “војна“ на теренот во Будимпешта, Ѓер имаше повеќе сили за да победи и да го симне од тронот Европскиот првак. Ние бргу го преболевме поразот во полуфиналето и успеавме да ги средиме чуствата и емоциите во пресрет на борбата за третото место.

Будуќност и Ѓер беа “потенцијални“ фаворити во натпреварите од последниот ден на одигрувањето, но се случи обратното. Вардарки покажаа како требаше да се игра претходниот ден и докажаа дека не случајно се најдоа во Будимпешта. Имавме и предност и негатива, но успеавме на крајот да се вратиме и да го зададеме последниот и завршен удар. Будуќност за кратко време падна и втор пат, па веќе го нема тој комплекс дека често губиме од Црнагорките. Бронзениот медал повторно беше наш, кој барем за малку ја сокри тагата од лицата и донесе радост за девојките. Се беше подготвено и за големото финале, сите го видоа Ѓер како нов Европски првак. Сепак не беше така како што сите очекуваа, ниту Унгарките не го сфатија сериозно противникот, кој на крај ги чинеше губење на трофејот. Натпреварот помина доста израмнет, ниту една од екипите не успеа да се одлепи на повеќе од три гола разлика. Ѓер на два пати пропушти “меч“ топки да го реши големото финале, кога влезе во последните две минути со два гола предност. Букурешт се издигнуваше во најтешките моменти, наоѓаше сили да го израмни резултатот, кој им донесе пенал рулет. Тука јунак беше Мајса Песоа, новата голманка на Вардар која успеа да одбрани два удари на Ѓер и да испише историјата за својата екипа.

Така заврши уште една интересна сезона во лигата на шампиони, по која беше познат редоследот на екипите на првите четири места. Вардар трета година по ред се задоволи со бронзениот медал, секако со надеж дека следната сезона ќе одиме скалило погоре. Засилувањата како Лакрабер, Песоа, Херем и некои други кои полека се споменуваат, би требало да донесат поголем квалитет во нашата игра, кој ние потребен за тие завршни натпревари од лигата на шампиони.