Обично воведот е најлесниот дел за изготовка на некое интервју, сепак кога ќе имаш чест да разговараш со посебна личност како неа, истото станува далеку потешка задача. Во следното интервју ви носиме одговори на неколку прашања со единствената, Марија Папуџиева. Вработена во ракометниот клуб Вардар, една од ретките со црвено-црна крв. Некаде на средината од 90сетите, кога сите фокуси беа кон Кометал Ѓорче Петров, нашата Марија како млада вардарка донесе трофеј за ЖРК Вардар, нејзиниот матичен клуб. Таа ги бранеше боите на црвено-црните и на меѓународен план, епизоди од историјата на женскиот тим Вардар кои многумина за жал, не знаат дека и постојат. Единствено Вардар успеа да ја наруши „хегемонијата“ во Купот, каде по самостојноста во 17 сезони Кометал Ѓорче освои 16 Куп наслови, а Вардар успеа да го освои единствениот кој им припадна нив, токму Папуџиева беше еден од „моторите“ на тој успех. Тогаш времињата беа такви, во Ѓ.П. беше целиот фокус, сепак црвено-црниот тим успеа да впише пехар кој силно сјаеше, Маја ја имаше приликата да биде дел од тој историски момент.
Во Вардар, таа често е „one men-show“, таа тренер на пионерките, се грижи за успешноста на реализирање на големи проекти како Вардар Јуниор лигата, на свои „плеќи“ ја има огранизацијата и спектакуларните дуели на машкиот тим во ЛШ и СЕХА лигата. Секогаш, буквално секогаш е насмеана со разбирање на спортистите, техничките лица, своите ракометни пулени од пионерската екипа, тука е и за новинарите, едноставно личност која е буквално „срцето, но и крвотокот“ во ракометниот тим. Нејзината енергија е непресушна, како минуваат часовите место да се „троши“ истата само се засилува, постојано е ведра и подготвена за сите предизвици, со многу љубов и посветеност ги извршува своите задачи, а понекогаш и туѓите. Вистинско богатство за црвено-црниот клуб е нејзиното ангажирање, потег кој донесе многу за организацијата на клубот. Покрај огромниот спектар на задачи кои ги извршува, таа истите ги реализира до перфекција, секогаш крајните резултати се на вистинското ниво. Секогаш кога на некого нешто му треба, доволно е да ја побара „Маја“. Ќе се обидеме да ви доближиме дел од нејзината ракометна приказна, иако поприлично е тешко една ваква маркантна и сестрана личност низ неколку прашања да е престави.
- Ракометни почетоци, прв тренер, љубов кон ракометот, клубови во Македонија и странство?
- Се започна во 7 oдделение, кога мојот наставник по физичко воспитување Стевче Василевски го откри мојот талент за ракомет. Сигурно мојот талент не беше случајност, веројатно, генетиката си го направи своето. Мојот татко беше поранешен ракометар, а во периодот на моите почетоци, успешен ракометен судија.
За време на часовите по физичко и вниманието од мојот наставник додатно ја зголеми мојата желба да почнам да тренирам ракомет, па така еден викенд кога мојот татко требаше да суди на натпреварот на ЖРК Вардар отидов со него.
Со нетрпение чекав да заврши натпреварот и да разговараме со тренерот Никола Зиков и да го прашаме дали ќе може да почнам да тренирам. Секако одговорот беше позитивен, иако предупредена дека во тимот има само неколку ракометарки кои се почетници, а останатите се веќе полнолетни, односно девојки кои се со долгогодишно ракометно искуство и настапуваат во тогашната најсилна лига. Мојата цел не беше само да тренирам, туку да стигнам до првиот тим. Следниот ден сонот стана јаве, бев во салата Расадник, на 13 години мојот прв тренинг, мојот животен пат, мојата љубов.
- ЖРК Вардар, колку години играше, кога дебитираше, 93/94 купот против Унипроком -Скопје односно епизода наречена ЖРК Вардар?
- Во ЖРК Вардар настапував 6 години, а во првиот тим дебитирав на 14 години. Навистина тренирав напорно, а огромно внимание ми посветуваа тренерот Никола и веднаш по него Ристо Трпчевски. Вардар во 1993 веќе беше тим со големи апетити, односно како главен спонзор дојде Маријан Начевски -ЦД Клуб Маки кој склопи тим со неколку ракометарки од странство и тренерот многу добро познат за нашата јавност Драган Нишевиќ.
Тогаш ја добив мојата вистинска шанса, на 16 години го освоив купот на Македонија против екипата на Унипроком – Скопје и во квалификациите за Лига на Шампиони против екипа од Словенија.
3.Репрезентација бранење на национални бои?
- Моето прво искуство е во младинската репрезентација на Македонија. Се случи во 1994, а веќе наредната година бевме дел од Светското младинско првенство во Бразил, како прва младинска репрезентација на Македонија која учествувала на едно големо натпреварување.
Веднаш потоа бев на поширокиот список на сениорската репрезентација на Македонија. Тренерите се менуваа, а вистинската шанса да заиграм ја добив од Зоран Кастратовиќ, кој на некој чуден начин го извлече најдоброто од мене и мојата самодоверба беше огромна. И покрај огромниот број на странски ракометарки во тимот јас бев дел од него.
Прво големо натпреварување беше Европското првенство во Романија 2000 година, Светското првенство 2001 во Италија и на крај Европското 2012 во Србија.
4.Како дојде по крајот на кариерата да работиш во твојот матичен клуб?
- Јас кариерата ја завршив веднаш по Европското првенство во Србија. Веќе имав договор во Бодрум – Турција меѓутоа, неочекувано спонзорот откажа и во Април 2013 година бев во Скопје. Искрено, не ни планирав да продолжам со професионално играње, одлучив да се одморам и да си побарам работа со оглед на тоа дека имам завршено Факултет за Физичка култура немаше да претставува проблем.
Вардар веќе беше сериозен проект, благодарение на моја драга пријателка и колешка бев препорачана и така започна се и трае до ден денешен.
5.Твојата работна позиција флор менаџер – одговорност за лига на шампиони и натпревари од сеха лига?
- Би сакала да напоменам дека пред да ја добијам обврската за флор менаџер бев одговорна односно ги анализирав натпреварите кои им беа потребни на тренерите и голманите. Господинот Сергеј Самсоненко ни обезбеди обука за анализирање на натпревари на софтвер на кој работат повеќе ракометни тимви.
Флор менаџер почнав да работам во 2015 година и можам да кажам дека уживам во таа работа, не само поради тоа што сум во комуникација со луѓе туку и одговорноста што доаѓа со таа позиција.
На кратко таа позиција е најодговорна односно без флор менаџерот натпреварот не може да започне. Обврска моја е да ја спремам салата според пропозиции кои ги наложува ЕХФ, да биде брендирана како што е веќе пријавено во ЕХФ, да се обезбедат материјали и направи цел концепт како како ќе изгледа пред почетокот на натпреварот, па се до прес конференцијата по завршување на натпреварот, и сето тоа да се презентира на техничкиот состанок кој се одржува на денот на натпреварот заедно со делегатот, супервизорот, судиите и официјалните луѓе на двете екипи.
Што е најважно за флор менаџерот?
- Примеч протокол–да се подготви отварање на натпреварот (шоу), да се искординира со девојките кои излагаат со официјалните знамиња, кординација со светла, координација со диџеј, координација со пуштање на официјалната химна која мора да биде на 3 минути пред почетокот на натпреварот, координација со спикерот, координација со обезбедувањето кое е присутно на теренот, полицијата, воведување на ред околу теренот, односно присуството на службените лица. Работи кои секогаш мора да се 100% исполнети, бидејќи ЕХФ има строги и ригорозни правила кои мора да се почитуваат. Доколку нешто фали или не е завршено како што треба, клубот може да биде строго казнет.
6.Јуниор лига – координатор?
- Координатор на Ракометната Академија е споредна моја обврска која е на мое огромно задоволство работата со мали деца и сведок на нивно напредување од година во година.
Имаме повеќе регионални единици во Македонија. Како главен проект на Ракометната Академија Вардар е Вардар Јуниор Лига. Целта на овој проект е да децата кои се почетници имаат можност да се натпреваруваат и да се учат пред се на дисциплина, одговорност и секако да уживаат и се забавуваат преку игра.
Традиционално се одржува и турнирот Еден Живот, Една Љубов во кој од година во година на наше огромно задоволство уествуваат се повеќе екипи.
Главната цел на Ракометната Академија Вардар е да се создадат млади селекции кои ќе имаат можност во наредниот период да бидат дел односно да се наметнат и еден ден бидет дел на првите екипи во клубот.
7.Тренер – освојување на трофеи?
- Дефинитивно нешто што го сакам најмногу е работа со деца. Среќна сум што сум дел од пионерската екипа на ЖРК Вардар, во улога на помошен тренер.
Задоволна сум од изминатата сезона. Девојките напредуваат од ден во ден. Пред се морам да напоменам дека и покрај тоа што се наши шампионки тие се и одлични ученички. Оваа година не потфрлија во ништо.
Хронлошки: го освоивме турнирот Гази Баба, потоа бевме на турнир во Белград “Трофеј Београд” кадешто го освоивме првото место, во меѓувреме се натпреварувавме во пионерската лига и кадетската лига во која бевме најмлади учесници. Бевме учесници и на меѓународниот турнир во Никшиќ каде што се натпреварувавме во постара генерација 2002/03 годиште и го освоивме седмото место.
Да се навратам на пионерското првенство во Македонија, освоени максимални бодови без ни еден пораз и заслужено прво место.
Најголемото изненадување се случи на 8 ми Јуни кога бевме дел од ф-4 во кадетска конкуренција со само еден пораз и еден нерешен натпревар.Во огромна борба и неверојатна желба на девојките успеавме да го земеме златото и станеме шампионки во таа категорија.