ЖРК Вардар го очекуват големи предизвици, ќе игра во плеј-офот од сениорската лига, па затоа ангажираа одлично засилување. Старо-нова вардарка е 22.годишниот, бек Марија Николовска, која ќе ја засили плеј-позицијата, а може да одигра по потреба и на левата бековска позиција.
Стананува збор за квалитетен и борбен ракометар, кој несомнено ќе го подигне значајно квалитетот на играта на вардарки во двата правца. Стандардно разговараме со неа како ново име во овој состав на Ристова.
Иако оваа сезона се поврзуваше со трансфер во Израел, сепак требаше да продолжи во македонскиот амбициозен проект, Ѓорче Петров. За наша среќа тоа не се комплетираше, па ни открива новајлијата во тимот како дојде до соработка со црвено-црните.
-Најпрвин имав недоразбирања со тимот (Ѓорче Петров) каде што имав склучено договор за оваа сезона и сметав дека треба да си побарам исписница и да си отидам од тој клуб. Тренерот на ЖРК Вардар, Драгана Ристова после немилите настани кои што ми се случија, ме контактираше и бев навистина пријатно изненадена кога она и управата на тимот ме поканија да дојдам да им се придружам и да почнам да тренирам со нив. Отсекогаш сум се воодушевувала на начинот на игра и начинот на кој што работат, па затоа воопшто не се двоумев да ја прифатам нивната понуда. Секако чест ми беше да се вратам во тимот за кој што имав настапувано пред три сезони. Соработката требаше да ја започнеме уште во есенската полусезона, но поради правила од РФМ немав право да настапам, но затоа се подготвував со нив за пролетната полусезона.
Повторно е во црвено-црниот дрес по неколку сезони, имаше и шанса за адаптација оваа есен со девојките со кои тренираше во континуитет. За престојот и вклопувањето во старо-новиот тим ни изјави:
-Вардар како средина ми е многу добро позната, со поголемиот дел од девојките се познавам и имаме соработувано во минатото, па затоа уште од самиот почеток бев позитивно прифатена од сите девојки. Сметам дека со начинот на мојата игра добро се адаптирам на системот на работа кој што се практикува. Од мене може да се очекува максимална пожртвуваност на теренот и тимска игра.
Кога сме кај очекувањата за она што следува во пролетната полусезона во сениорската конкуренција за црвено- црните, новиот вардаров бек вели:
-Во тимот владее тимски дух и колегијална игра, начинот на кој што работиме и се подготвуваме, воедно и поради максималната посветеност на целиот стручен штаб сметам дека ќе придонесе за освојување на двојната круна, односно прво место во лигата и освојување на купот.
За крај од Марија побаравме нејзина визија каде би ја однел и каде посакува да ја однесе нејзиниот ракометен пат по половина деценија. Младата и надежна ракометарка ни одговори:
-Па како и секој играч кој е максимално посветен на тоа што го работи, очекувам меѓународна кариера, квалитетни настапи, а со тоа се надевам и на повик од репрезентацијата на Република Македонија за настапување на некое европско или светско првенство.