Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Историја > ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ, БАЛКАНСКИТЕ И ЕП ОРГАНИЗИРАНИ ОД АТЛЕТСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА (VI ДЕЛ) XVII ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ПЛАНИНСКО ТРЧАЊЕ, СРЕДНО ВОДНО 2018
ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ, БАЛКАНСКИТЕ И ЕП ОРГАНИЗИРАНИ ОД АТЛЕТСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА  (VI ДЕЛ) XVII ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ПЛАНИНСКО ТРЧАЊЕ, СРЕДНО ВОДНО 2018

ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ, БАЛКАНСКИТЕ И ЕП ОРГАНИЗИРАНИ ОД АТЛЕТСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА (VI ДЕЛ) XVII ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ПЛАНИНСКО ТРЧАЊЕ, СРЕДНО ВОДНО 2018

Пишува професор Мирослав Бошковиќ, долгогодишен  спортски работник во АК Вардар, пензиониран историчар кој ни ја донесува на дланка македонската и вардаровата атлетска историја. Во продолжение 4.дел, првиот може  да го најдете на нашиот сајт овде , a вториот на следнот Линк. , а третиот на следниот тука.

Во 2018 година, Скопје беше домаќин на XVII Европското првенство во планинско трчање, на кое настапија 255 атлетичари од 29 европски земји. Пред одржувањето на овој престижен натпревар, во текот на есента 2017 година, беше формиран тим кој работеше на организационите подготовки. Во тимот беа Крсто Серафимовски, претседател на АФМ, Ангеловски Дејан, ген. Секретар на АФМ, Јанковски Јованче, тех. секретар на АФМ, Кире Синадиновски, атлетски работник, Игор Д. Јовановски, планинар, Мирослав Бошковиќ, атлетски работник, Виктор Арсов, член на ИО на АФМ, кои во есента 2017 година, заедно со Даниел Переира, Португалија, координатор на настани од Европската атлетска федерација и Томо Шарф, Словенија, технички делегат на Европското првенство, во присаство на претседателот на БАФ, Добромир Крамаринов, одржаа работна средба во Скопје. Тие ја минаа целата патека, по што се направи детална анализа и препорачани сугестии и задачи кои требаше да ги завршиме. Со оглед на тоа што патеката која ја минавме беше значително подолга од потребната должина, дел од тимот во кој беа Кире Синадиновски, Игор Д. Јовановски и Миро Бошковиќ, работеа на скратувањето на патеката до добивањето на потребната должина.

vod4

По извесно време, Томо Шарф уште еднаш го посети Скопје, а на втората обиколка на корегираната патека на Водно, покрај Шарф, беа и Крсто Серафимовски, Дејан Ангеловски, Јованче Јанковски, Виктор Арсов, Кире Синадиновски и Мирослав Бошковиќ. Покрај спомнатите имиња, огромен придонес во организацијата на ЕП даде и познатиот атлетски работник Дниел Киров. Со направените корекции, техничкиот делегат беше сосема задоволен, при што даде и некој дополнителни сугестии. Со тоа беа задоволени условите на планината Водно да се одржи Европското првенство во планинско трчање. Недела дена пред ЕП, на оваа патека беше одржано државното првенство на Македонија во машка и женска конкуренција, со сите планирани содржини за ЕП и потребниот број судии. Со тоа генералната проба се покажа дека патеката е добро проектирана, и дека главниот натпревар може да почне. По повод овој настан , во Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција со присуство на директорот на АМС Дарко Каевски, претседателот на Атлетската федерација на Македонија Крсто Серафимовски, како и маратонките Весна Кираџиева и Адриана Поп Арсова. Во своето излагање, Дарко Каевски меѓу останатото истакна: “Ова е голема чест за Агенцијата за млади и спорт, но пред се на Атлетската федерација на Македонија, меѓутоа и обврска и голема одговорност. Ова Европско првенство претставува можност за докажување за добра организација, и со тоа трасирање на патот за добивање на следни Европски првенства каде што и имаме интерес, пред се Европско екипно првенство во 2019 година.

vo2 vod3

Бенефитите од оваа манифестација се големи, пред се се мисли на омасовување на атлетскиот спорт, посебно планинското трчање, убавините и можностите кои ги поседува планината Водно, и секако промоција на Скопје и Република Македонија. Агенцијата за млади и спорт останува на заложбата на подигање на атлетиката како базичен спорт на повисоко ниво”. Претседателот на АФМ, Крсто Серафимовски меѓу другото истакна: “Масовноста на ова ЕП е главен показател на популарноста на планинското трчање. Квалитетот е видлив од самиот податок што учествуваат атлетичари од многу држави меѓу кои и од Италија, Турција, Хрватска, Чешка, Словенија, Велика Британија, кои се водечки земји кога е во прашање планинското трчање и атлетиката”. На 30 јуни 2018 година, еден ден пред натпреварот, неколку екипи беа ангажирани на поставувањето на бината и уредувањето на стартот на Средно Водно, поставувње ленти долж патеката, уредување на патеката и др. Покрај тоа, во попладневните часови, на плоштадот “Македонија”, се одржа дефиле на сите репрезентации, учесници на оваа спортска манифестација. По завршените подготоввки, на 1 јули 2018 година, на падините на Водно се одржа XVII Европско првенство во планинско трчање, на кое настапија вкупно 255 атлетичари и атлетичарки од 29 европски земји.

vod6

Атлетичарите се натпреваруваа во четири категории: сениори и јуниори во машка и женска конкуренција. Патеката беше во должина од 11 километри во сениорска конкуренција, додека за јуниорите беше 6 километри. Настанот почна со женската трка за натпреварувачки до 20 години, во која од вкупно 44 атлетичарки, три беа од Македонија. Триумфираше Италијанката Ангела Матеви, која патеката ја истрча за време од 29:30 минути. На второ место се пласираше Британката Ана Макфејден со време 30:24, а втората Британка Скарлет Дејд беше трета со време од 30:30. Од македонските претставнички најдобра беше Хајрие Азири која го освои 39-то место со резултат од 41:05, Елена Лазароска беше на 41 место со време 45:41, додека на 42 место го освои Емилија Лазароска со време 50:08. Кај сенирките, шампионка на Европа стана Швајцарката Мад Матис со резултат 52:32, пред Французинката Ана Сабрие со 56:41 и Ема Гулд од Велика Британија со 57:48 . Од македонските претставнички, надобар пласман обезбеди Андријана Поп Арсова на 47 место со време 1:08 , 48 место и припадна на Миљана Ристиќ која трката ја истрча исто така за 1:08 , a третата македонска претставничка, Весна Кираџиева трката ја заврши на 64 место со 1:22. Кај јуниорите, до првото место стигна Габриел Буларда од Романија со време 25:14 пред Британецот Џозеф Дагдејл со 25:52 и Џовани Роси, Италија со 25:57. Дејан Ангелоски беше најдобар од македонските претставници на 26 место со време 29:16, а вториот македонски претставник Матеј Драгановски беше 46 со време 32:21. Хашим Куртиши беше 48 додека со 32:21 , а четвртиот претставник Ријад Шаипи беше 50 со време 37:13.

vod7

Пласманот на младиот Дејан Ангелоски навестува една успешна иднина во атлетиката, пред се во планинското трчање. Нашето е да му посакаме многу успешни настапи и учество на многу државни, балкански, европски и светски првенства. На крајот од програмата, се одржа и трката за сениори. Италијанската тројка во која настапија близнаците Дематеис и Чезаре Местри супериорно го освоија првото место. Бернард Дематеис победи со време 46:51, по него во целта влезе Чезаре Маестри со 47:18 а трет на пиедесталот се искачи Мартин Дематеис со 47:47. Со ова, Италијанецот Бернард Дематеис, уште еднаш покажа дека е несовладив и дека со години е шампион на европскиот континент. Четворицата македонски претставници Муџахид Муслими, Марјан Бонев, Александар Кирковски и Атанас Анчевски се пласираа од 73 до 76 место. Најдобар од нив, Муџахид Бислими имаше време од 1:05. По завршувањето на натпреварите, се одржа и свечено затворање на Европското прврнство во хотел Континентал, каде беа доделени наградите на најдобрите и беше предадено знамето на наредниот организатор на ЕП, Швајцарија. Со тоа заврши и овој европски атлетски настан. Организацијата беше беспрекорна, како и патеката на Водно и покрај дождовите кои ја зафатија Македонија претходните денови. Впрочем, за тоа најдобар доказ беа импресиите кои ги искажаа атлетичарите од 29-те земји учеснички, како и претставниците од Европската атлетска федерација.