Пет млади момчиња кои во иднина треба да ги гледаме почесто во првиот тим на Рк Вардар, се главните ликови кои ја одбележаа сезоната во младинските категории на клубот. Филип Арсеновски, Стефан Трпчевски, Тоше Ончев, Томи Јагуриновски, Александар Димовски и Никола Кизиќ долго ќе ја паметат изминатава сезона. Сите настапуваа за младинската екипа, предводена од тренерот Стојан Петрушевски, со која и станаа шампиони во оваа категорија.
Она што е поважно, тоа што сите споменати ја добија својата шанса да заиграат во првиот тим на Раул Гонзалес. Шпанскиот стручњак на клупата на црвено-црните се реши на последните пет мечеви од супер-лигата на секој дуел да повикува по еден младинец. Прв кој ја имаше оваа чест беше Филип Арсеновски кој игра на позицијата пикер. На мечот со Радовиш одигран на гостински терен, Арсеновски ги искористи минутите поминати на теренот, каде успеа два пати да се запише во листата на стрелци. Ова момче настапува и за младинската ракометна репрезентација. Неговиот колега од младинците, битолчанецот Стефан Трпчевски беше вториот ракометар кој доби можност да игра покрај големите Вардарови ѕвезди. Во неговото деби за првиот тим, успеа да постигне два голови. Трпчевски беше најефикасен играч за младинците, во финалето на првенството против Прилеп, кога беше избран и во идеалниот тим на завршниот турнир. Исто како Арсеновски, така и Трпчевски е младински репрезентативец на Македонија.
Томи Јагуриновски одигра одличен натпревар против Зомимак во супер-лигата, каде настапи за првиот тим. Успеа да постигне дури четири гола и да остави одличен впечаток кај Гонзалес. Јагуриновски измината сезона покрај во младинската, имаше настапи и за кадетската екипа предводена од Зоран Петковски. Најдобриот лев бек во младинска конкуренција за минатата сезона, Тоше Ончев беше четвртиот ракометар кој ја доби довербата од Раул. Сигурно дека не погреши Шпанецот кога го повика, бидејќи Ончев беше и најдобар стрелец во првенствениот дуел одигран со Пролет на гости. Во таа висока победа, Ончев беше најзаслужен постигнувајќи осум погодоци. Ова момче настапува и за младинската репрезентација и како што споменавме беше избран за најдобар лев бек на Ф4 турнирот во лигата.
Дојде време своето деби за првата екипа да го впише и Александар Димовски кој е и капитен на младинскиот состав, како и голманот Никола Кизиќ. На последниот меч во Јане Сандански со Радовиш кога се доделуваше трофејот, покрај Димовски и Кизиќ, повторно шанса за игра добија и Арсеновски, Трпчевски, и Ончев. Димовски го впиша својот прв погодок, Кизиќ имаше неколку одбрани. Ончев повторно меѓу подобрите со пет голови, Арсеновски 4 и Трпчевски со три голови. Кизиќ и Димовски се исто репрезентативци на Македонија. Сите овие момци се големи потенцијали на Вардар и Македонскиот ракомет, кои допрва треба да се развиваат во вистински професионални играчи.