Зад нас е 5.коло од Женската супер лига, по крајот на истото два тима се на делбата на врвот со 15.бода. Нашиот, Вардар и шампионот Металург. Чаир и Куманово имаат по 12.бода (меч помалку), во ова коло РК Кузман ја забележа првата победа и ги впиша првите суперлигашки бодови во својата историја.
Во првиот наппревар од ова коло, ЖРК Деспина лесно на домашен терен во Прилеп се справи со „фенерџијата“ ЖРК Алушевски совладувајќи го со 33-23. Стружанка на домашен терен впиша пораз од актуелниот шампион, екипата на ЖРК Металург со шест гола, сино-белите девојки победија со резултат 18-24. Тимот кој досега е беспрекорен и има четири победи од исто толку мечеви, ЖРК Чаир на домашен терен ја совлада екипата на Ѓорче со резултат 26-18. Доста интересен дуел одиграа, можеби и малку неочекуван исход имаше средбата Спартак-Гевгелија која заврши со поделба на бодовите 23-23.
РК Кузман Вардар во населба Илинден беше домаќин на Овче Поле. Во меч со многу борба, резултатска неизвесност домаќинот дојде до победа. На одмор се замина со 13-13, во последните моменти беше 24-24, домаќините имаа напад, најхрабра беше Мила Филипова со чии гол дојде победата со минимални, но доволни 25-24. Голема беше радоста на тимот кој дебитираше во суперлигашката конкуренција оваа сезона, вредната работа на девојките под менторство на Кузмановска Александра даде плод. Честитки за успехот.
Вардар гостуваше во Битола, во салата „Боро Чурлески“ наш домаќин беше тимот на ЖРК Пелистер. Дуелот почна рамноправно, двата тима започнаа со по пет гола во противничките мрежи за почетни 5-5. На одмор заминавме со одлична предност, 11-16. Умешно го исконтролиравме вториот дел, петтата победа во досегашните 5.коло дојде со резултат 25-33. Џатевска имаше шест гола, Дамјановска пет, а Николиќ постигна четири. Грујовска имаше шест интервенции, а Илиќ одбрани три удари. Перфектната низа е во тек, идното 6.коло сме слободни бидејќи тимот на ЦЕМС се откажа пред почетокот на сезоната.