Екипата на ЖРК Вардар Јуниор е најпријатното изненадување во сезоната која измина. Избраничките на Симе Симовски успеаа на крајот од сезоната во супер лигата да завршат на второто место, пред својот најголем конкурент екипата на Металург. Иако тимот од Автокоманда важеше за голем фаворит за тоа место кое води во ЕХФ купот, сепак младите Вардарки се надминаа себеси и на изненадување на ракометната јавност од следната сезона ќе играат во ова европско натпреварување. Имавме можност да играме и во Челинџ купот, каде стигнавме до четвртфиналната рунда. Таму бевме елиминирани од екипата на Карпати. Претходно бевме подобри во двомечевите со Лондон Ејнџелс и Војводина Минаква. Една од ракометарките која имаше голема улога во добрите резултати на Јуниор е сениорската репрезентативка Симона Стојановска, која за нашиот сајт ги сподели впечатоците од сезоната која заврши во сите натпреварувања и очекувањата за следната сезона.
-Иако бевме во сенка на Вардар и Металург, ние имавме поставено една цела пред почетокот на сезоната, а тоа е да завршиме на второто место веднаш после екипата на ЖРК Вардар. Работевме напорно во текот на целата сезона, воедно имавме натпревари во Челинџ купот, каде достигнавме некој успех и влеговме во најдобрите осум екипи во тоа натпреварување. Можевме секако да стигнеме и до полуфиналето, но неискуството од вакви мечеви и младиот карактер на нашата екипа, дојдоа на некој начин до израз. Сепак тоа беше едно големо искуство за нас, бидејќи имавме можност да се натпреваруваме со поискусни и повозрасни екипи од нас.
Во плеј-офот на супер лигата по една победа им припадна на двете екипи. Во салата во Автокоманда противникот го доби тој меч со еден гол разлика, но на возвратниот дуел во Јане Сандански нашите девојки високо го поразија Металург, добивајќи го мечот со шст голови предност. На тој начин излеговме како подобри во меѓусебниот дуел, што значеше пласман на второто место на табелата.
-Кога завршиме со настапите во европскиот Челинџ куп се фокусиравме на дуелите со Металург и со многу труд работа и тимска игра на крајот успеавме да излеземе како победници во борбата за второто место. За следната сезона се надевам дека ќе се покажеме во уште подобро издание. Ќе работиме уште понапорно заедно со нашите тренери кои веруваат во нас, како и стручниот штаб и ќе се обидеме да постигнеме историски успех во ЕХФ купот, кој е на поголемо ниво од Челинџ купот, изјави Симона Стојановска за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски