Втора сезона по ред женскиот ракометен клуб Вардар ќе се најде на една завршница на најдобрите четири екипи во Европа. Голем успех и едно големо признание за целиот стручен штаб со целата екипа за напорната работа во текот на овие две години.
Оваа сезона не започна можеби како што очекуваше ракометната јавност и Вардаровите навивачи. Со доаѓањето на врвни имиња како Пенезиќ, Лазовиќ, Алтхаус и.т.н. очекувано беше како воз да се помине низ групните фази и без големи проблеми да се победуваат противниците. Но не беше се така лесно и едноставно за девојките. Екипата помина низ неколку лоши моменти, се случија некои тешки повреди на дел од играчи кои го изнесуваа најголемиот товар мината сезона. По заминувањето на Ана Џокиќ, најголемиот товар на пикерската позиција требаше да отпадне на Фернандез, која неочекувано се повреди и сеуште не е во можност да им помогне на своите колешки. Хмирова која по доаѓањето одигра одлична сезона за Вардар, немаше среќа во годинешниве групни фази на ЛШ. Повредата ја одалечи од терените подолг период, по кој се врати но сеуште не е во потребната играчка форма. Имаше на поедини мечеви повреди и отсуство и на нашиот организатор на играта, Андреа Лекиќ како и на Николиќ. Ако на се ова се додаде и несреќата на Робертина Мечевска, низ чуден период поминаа црвено-црните.
Имаше натпревари кога на гостински терен неможевме да поврземе победа, што не беше случај изминатата сезона. Големите падови и грешките во играта, како поминаа дуелите со противниците се повеќе се намалуваа и сведуваа на миниум. По доаѓањето на Данскиот стручњак Јан Питлик, кој го замени Расмунсен на функцијата помошен тренер на Индира, беа очигледни напредувањата во играта на Вардарки. Во втората групна фаза завршивме како третопласирани, па за противник во 1/4 го добивме најтешкиот противник. Европскиот шампион од последните две сезони, Унгарскиот Ѓер беше пречката која требаше да се помине за да се стигне на Ф4. Оптимизам и верување дека може да се помине овој ракометен великан, владееше во целиот тим. За само седум дена Вардарки успеаа на два пати да го надиграат големиот противник.
На првиот меч во Скопје забележавме победа од шест гола која ветуваше голема можност во реваншот да ја задржиме оваа позитива. Мора да се сложиме дека сосема поинаков тим гледавме во овие дуели со Унгарките. Разновидноста во нападот и цврстината во одбраната беа очигледни и видливи во играта на девојките. Пенезиќ е дефинитивно наш најдобар играч и стрелец. Суслина и Лејно се сигурно број 1 голмански тандем, моментално во Европа. Најголем напредок има сигурно кај Алтахаус која на почетокот беше невидлива на теренот и тешко се вклопуваше во оваа екипа. Моментално е вистински столб во одбраната, кој тешко се поминува, а во нападот се почесто се проигрува и преку неа се завршуваат нападите. Лекиќ и Радичевиќ полека ја враќаат формата и играта што се очекува од нив. Дембеле и Кликовац ја дополнуваат гранитната одбрана на овој тим. Инди-Питлик одлично функционираат за толку краток период. Дефинитивно доагањето на Данецот ја препороди оваа екипа која треба да гази во Европа. Неговата страст, работа и знаење со голема мотивација го пренесува на своите избранички, кои успешно ги извршуваа советите на овој “стар лисец“. Вардар втора сезона по ред ќе игра на Ф4 во Будимпешта и ќе го напаѓа тронот. На патот кон целта, ни стојат Будуќност, Динамо С. И Ларвик. Противникот ќе го дознаеме утре со ждрепка, која ќе се одржи во 11 часот. Овие девојки се зрели, со квалитет и искуство кои треба да го пренесат на теренот во Будимпешта и да донесат прва Европска круна во историјата на Вардар.
Звонко Ивановски