Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Мими Петковска: Бројот “74“ на дресот го одбрав поради мојот татко, човекот кој е моја животна потпора и поддршка
Мими Петковска: Бројот “74“ на  дресот го одбрав поради мојот татко, човекот кој е моја животна потпора и поддршка

Мими Петковска: Бројот “74“ на дресот го одбрав поради мојот татко, човекот кој е моја животна потпора и поддршка

Сезоната во женскиот ракомет е во фаза на “расплет“, ЖРК Вардар  обезбеди место во најдобрите четири тима кои ќе се борат за Куп-трофејот на Ф4 турнирот, стартува плеј-офот каде обезбедивме место, а во младинската лига сме “сребрени“ оваа сезона. Тимот кој е во принцип кадетски игра во сениорска конкуренција со голем успех, тежок товар носат младите девојки кои со голема успешност настапуваат. Нераскинлив дел од оваа прекрасна ракометна идила е и  крилото, Мими Петковска. Девојка без која не може да се замисли овој тим, играч кој е важна алка во успешната сезона која е во тек. Таа е родена 2003 година, и на само 16 години е дел од сениорскиот вардаров тим и младинската црвено-жолта селекција.

mm3

Петковска е десно крило, девојка позади чие име има блескави бројки. Па така таа е единствената која погодуваше на сите дуели во Супер лигата, втор стрелец на тимот оваа есен, од игра имаше највеќе голови. При “пресеците“ на поединечните перформанси секогаш беше во врвот. Листата на стрелци од есенскиот дел може да го најдете во следниот текст ( Мирјана Петковска се запишуваше во листата на стрелци на сите 14 меча за ЖРК Вардар..), и оваа пролет во младинската лига таа започна исто така фуризозно, нејзините 29 гола на само четири меча беа нешто неверојатно (Листа на стрелци по 4.кола во младинска лига..).  Станува збор за благороден играч, кој игра во двата правци, во одбраната е секогаш непремослива пречка за противниците. Таа одлично го затвора својот простор во зоната, што донесува големи “главоболки“ на ривалите при нивните атаци. Контрите се нејзина специјалност, “брзоногата“ Мими секогаш е најблиску до противничкиот гол при одземена топка, трча многу, погодува по одличен скок кој е нејзин заштитен знак. Процентот на реализација е голем, скоро секогаш ја тресе противничката мрежа, а и кога не погодува топката завршува во гол конструкцијата, ретко кој голман може да се пофали дека успеал да оствари и минимален контакт со топка која она ја упатува.  Особено голем впечаток остава нејзиниот одраз, кога ќе ја прифати топката следи скок во височина по кој таа и топката стануваат “едно“, потоа следи безмилосна и молскавична реализација во мрежата на ривалот. При позициони напади и при најмал простор кој би го добила реагира со голема брзина, има инстикт на “ловец“  секогаш го искористува слободниот простор од зоната, а противничката мрежа е нејзин “плен“. Одлична и и при изведувањето на “казнетите удари“,  нејзините пенали се казнена експедиција за противниците. Високи позиции на листата на стрелци, но и квалитетот во сите сегменти на играта, асистенциите, добрата игра во одбрана и тимскиот учинок и донесоа повик за репрезентацијата на Македонија. Повеќе од очекувано беше дека ќе добие “виза“ за настап во младинската селекција. Во продолжение ве запознаваме со оваа млада, талентирана, вредна и успешна вардарова ракометарка.

Младите личности најчесто експериментираат околу спортовите во кои пробуваат да се пронајдат. Исто така и таа ја мина оваа фаза, се одлучили за ракометот што се покажа дека е вистински избор бидејќи во него е брилијантна. Каков пат помина од почетокот до она што е денес, првотимка на црвено-црните со значајна улога и македонска рапрезентативка дознаваме на самиот почеток.

*Ракометот не е мојата прва љубов, но е единствениот спорт во кој се пронајдов вистински. Почнав во ракометната Aкадемија Aлушовски,  потоа  продолжив да се надополнувам во ракометното школо на Андријана Будимир од која ги научив првите ракометни чекори. Следеше она што ми донесе пресврт во кариерата, во следната фаза продолжив како играч во селекцијата на Вардар. Бев дел  дел од тимот на  Билјана и Драгана Пецевски, дојде и времето за сениорски тим каде работам со Симовски, Ристова и Царчев, накратко тоа е мојот ракометен пат од почетокот до денес. Овој спорт ме исполнува, овде сум своја, овде се чуствувам најубаво во сопствената кожа.

mm9

Левораките ракометари се вистинско богатство во еден тим, поради дефицитот кој постои. Сепак покрај таа предност,  она има се што е потребно за едно крило, брзи нозе, но и молскавично брз ум, фантастично движење и егзекуторски инстикт. Крилната позиција во целост се поклопува со стилот на игра и физичките предиспозиции на Мими.

*На почетокот започнав како десен бек,  всушност така и дојдов во  редовите на Вардар. На сегашната позиција, крило почнав веднаш по селекцијата, Драгана и Билјана преферираа да се префрлам на крило и истите беа од голема помош да совладам доста задачи на истата. Не погрешија таа се покажа како идеална за мене,  тие ми помогнаа да се пронајдам на оваа позиција, на која настапувам и денес.

Огромен  товар падна на неа  и остатокот од тимот да оваа сезона да преземете местото на сениорките на Вардар, да влезат во “костец“ со повозрасни екипи и да настапуваат во Супер лигата и Купот. Сепак храбрата репрезентативка, девојката која се одава во целост на тимот  како и колешките воопшто не се плашеа од предизвикот.

*Како тим оваа година се соочивме со навистина квалитетни тимови во Супер лигата. Ова е професионално натпреварување во кое сите се залагаме, даваме максимум и играме на максимално ниво. Товарот е многу поголем, но сите тренираме со љубов и огромна желба. Ние не се задоволуваме само да настапуваме, тоа не е дел од нашиот карактер, затоа   целиме високо. Играме пожртвувано, тимски  и храбро, тоа носи позитивни резултат иако на “мегдан“ често имаме повозрасни тимови, во овие дуели влегуваме 100% предано и фокусирано  затоа што ние сме Вардар.

Единствена која може да се пофали дека есенва погоди на сите суперлигашки дуели од вардарки е токму она. Стрелаше на 14 меча без исклучок, беше втор стрелец на тимот, односно прва “ударна игла“ кога станува збор за погодоци од игра. Во младинската лига нејзиниот скор се преслика, покрај тоа и оваа пролет продолжи со исти игри. Посебно за потенцирање е нејзината голема преданост на ракометот, таа во последните неколку кола наесен имаше проблем со процентот на реализација, дојде зимската пауза, потоа дојде новата година, а во истата се  врати “старата“   Мими, онаа која погодува безмилосно и со огромен процент на прецизност, таа ни ја открива енигмата  како психички се издигна и повторно е онаа која носи успеси на тимот.

mm1

*Задоволна сум од мојот досегашен успех, но мислам дека може многу повеќе, целам кон подобри резултати и работам за да ги остварам истите. Голем удел во моите лични постигнувања и перформансите кои ги прикажувам на теренот  има екипата и тренерите. Стручниот штаб е важен  за овој мој успех поради довербата која ја добивам и слободата што ми ја даваат во текот на играта. Кога станива збор за тоа како успеав да ја вратам формата, според мене не постои играч кој игра во исто темпо цела сезона, нормални се падови, но најважно е да се вратиш што е можно поскоро. Зимово најмногу работев на физичка подготвеност и кондиција,  подигнување на мојот атлетски левел, а од ден во ден  самодовербата полека ја зголемував. Потоа се беше  едноставно,   резултатот оваа пролет  дојде сам по себе.

Добрите игри во македонскиот бренд Вардар, не може да не останат не забележани. Стигна покана за најдобрата македонска младинска селекција, сосема заслужено за нашето крило. Таа на двомечот со Црна Гора одигра одлично, во дефанзива беше непремослив мост, а во нападот единствено со прекршоци по кои добивавме седмерци можеа да ја сопрат вардаровата девојка.

*Како и  секој играч и мене ми е најголема чест да го претставувам својот национален тим. Бев пресреќна кога  селекторот  Јулијана Дамчевска, го објави списокот и кога ми даде шанса на двата натпревари против Црна Гора. Задоволна сум, дадов 100% и се запишав во листата на стрелци со еден погодок. Гордост е да се преставува својата земја, чест е да се биде повикан во селекцијата.

Вардарки се бореа на три фронта, станаа вице-шампионки во младинската лига, обезбедија место во завршницата на Супер лигата и Купот на РМ. Од талентираното крило на црвено-црните,  ќе дознаеме како успеаа да остварат таков успех. Воедно бескруполозниот борец и одлична млада ракометарка ќе ни појасни колку се важни тренерите во тимот за нејзиниот напредок кој е повеќе од евидентен, кој од меч во меч ни го презенира на најубав можен начин како што знае само она.

mm4

*Овој успех го сочинуваа повеќе фактори, но најважни беа добрите тренинзи, одличниот тимскиот дух кој владее помеѓу девојките, високиот степен на поврзаност помеѓу сите поединци  и желбата за успех. Кога сме кај тренерите кои ги имав, а особено со кои сега работам и напредувам, сакам во оваа прилика да им се заблагодарам на сите тренери. Тие   работат за мој напредок и ми помагаат. Неминовно токму они  се клучот на мојот успех, јас сум многу задоволна од нив и имам само пофални зборови, одлично мислење и комплименти за нивната преданост, искреност и посветеност во работата со мене.

Секој има неколку моменти кој му ја одбележале кариерата, така и таа. За разлика од поголем дел од девојките кои ова сезона ја “искусија“ Супер лигата, таа имаше деби претходно поради квалитетот кој го увиде стручниот штаб кај неа. Многу млада доби прилика да дебитира, ама затоа одговори на најдобар можен начин,  одлично одговараше на поставените задачите, покажа дека може да се носи со сениорски товар. Погоди пет пати за помалку од 15.минути, просек на кој може да и позавидат и далеку повозрасни ракометни крила. Тоа што во неа го препозна ако потенцијал лани, таа го потврди оваа сезона.

*Натпревар кој остави голема трага во мојата досегашна кариера е ланското дерби од сениорската Супер лигата помеѓу екипата на ЖРК Куманово и Вардар Јуниор. Бев земена како најмлад играч и засилување во екупата на Симовски Симе. Имаа верба во мојот квалитет, влегов во игра в 45.минута и за само  15 минути постигнав 5 погодоци. Тоа на тој дуел  ми овозможи да бидам втор најдобар стрелец. Среќата беше неизмерна и на на ланскиот натпревар во “сестринскиот двобој“ во кој за прв пат запишав 10 погодоци. Кога сме кај  годинашните натпревари ќе го издвојам натпреварот со Куманово и Металург во  Супер лигата.

mm7

Кога се во прашања очекувањата за продолжетокот од сезоната е прилично “резервирана“ како голем спортист и личност не сака да се расфрла со прогнози. Сепак како тимски играч, важна алка во колективот и голем ракометен борец таа ветува дека само и само максимумот ќе го видиме од неа и од колешките во продолжение.

*Не сакам да зборувам пред време, наша задача е да играме и да оставиме срце на терен. Како и секогаш во  резултатот не доаѓа секогаш како што сакаме, но можам да кажам дека ќе се бориме “ машки“ и храбро до крај. Велам,   нека победи подобриот во битките кои не очекуваат, можам да кажам дека што и да одиграме тоа ќе биде нашиот максимум, бидејќи ние секогаш се трудиме да го дадеме најдоброто од себе на дуелите на кои ќе настапиме.

Побаравме да ни открие нешто лично, тајната на бројот 74, кој го носи на дресот  со голема успешност, во црвено-црниот тим, но и во македонската селекција. Број позади кој често во записниците од дуелите е најголемата цифра на постигнати голови. Таа ни раскажа една емотивна и прекрасна причина зашто токму ова бројка е нејзина “амајлија“, се надеваме дека 74-ката ќе ја гледаме во иднина и во елитната европска шампионска лига и на континенталните и планетарни репрезентативни собири.

*Бројот на мојот дрес “74“  е број кој многу ми значи, па  затоа и  ќе споделам неколку неколку зборови околу него. Го земав  истиот поради мојот татко,  кој е моја најголема потпора во животот,  секако  и ракометот. Тој ме однесе ма мојот прв тренинг и е со мене секогаш. Тој е тука за мене апсолутно во секој момент  кога ми е потребен  совет, поддршка и потпора и како ракометар и како млада личност. Присутен на секој мој натпревар, нешто што е од посебно значење за мене.

mm2

За крајот сакавме  да не запознае со тоа кои и е идол, каква и е визијата за својот ракометен пат, таа е таленирана и огромна  е веројатноста дека ќе биде дел од голем тим е значајно висока. Репрезентативниот пат веќе го оди, нејзиниот лимит доколку работи на овој начин и ја послужи здравјето и избегне повреди е доста висок.  Најефикасното вардарово крило споделува кој е нејзин идол, нејзино мото и каков ракометен пат сака да и “постеле“ судбината пред нејзините нозе.

*Мој идол е француското крило, Кармен Мартин од која зацртувам шаблон по кој сакам да работам. Од голема помош ми се видеата кој ги следам и се обидувам да го изведам нејзиниот скок и шут. Не сум личност што се откажува и работам напорно за еден ден моето име да биде впишано и во првиот тим ма македонската репрезентација. Имам огромна желба да ја посетам Словенија, односно Крим. Сакам да се најдам да местото на Сара Ристовска и во А-селекцијата,  искрено се надевам дека еден ден ќе дојде и до тоа. Ѓер е тим што ми се допаѓа, но пред се би сакала да заиграм за Крим.

Михајло Тушевски